Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со цел воведување ред во користењето на националните богатства и фер наплата, од 1 јануари 2025 година започнува со наплата на до 100% зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси.
Со измените во Тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100%, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата. Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари.
Клучните измени вклучуваат:
- За користење на просторот за експлоатација: Надоместокот се зголемува за околу 30%.
- За експлоатација на мермер: Надоместокот ќе изнесува 5% од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена.
- Металични минерални суровини: Зголемување од досегашните 2% на 4%.
- Неметалични минерални суровини: Зголемување во просек над 100%.
Измените не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија.