На 78-годишна возраст почина Јошка Броз, внук на поранешниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито и долгогодишен политички активист.
Неговата смрт повторно го отвора прашањето за наследството и судбината на имотот што го оставил неговиот дедо, а кој официјално никогаш не завршил во рацете на семејството Броз.
По смртта на Тито во 1980 година, семејството се соочи со исклучително долга и комплицирана оставинска постапка која траеше повеќе од три децении. Иако се проценуваше дека имотот на Јосип Броз вреди околу 60 милиони долари, неговите наследници, меѓу кои и Јошка, практично не видоа ништо од тоа.

Јошка Броз повеќепати во јавноста зборуваше за тешките услови за живот. Во интервју за Newsweek во 2017 година, тој изјави дека „живее како куче“ и преживува со нешто повеќе од 1.000 куни месечно. Нагласи дека не е материјалист, но дека смета дека државата треба да го зачува имотот што и е оставен или ако не може да го остави на оние кои можат да го сочуваат.
„Но, ни тоа не го даваат, бидејќи така би се открило дека го украле најголемиот дел“, рече тогаш Јошка, тврдејќи дека највредниот дел од наследството на неговиот дедо завршил во рацете на луѓе од власта.
Да потсетиме, Јосип Броз Тито за време на својот живот користел бројни државни вили, имоти, уметнички дела, колекции, како и луксузни возила, но повеќето од овие средства никогаш формално не биле регистрирани на негово лично име, туку како државна сопственост. Ова дополнително го комплицираше оставинскиот процес и овозможи дел од имотот да се продаде, да се премолчи или да исчезне без јасна трага.
Јошка Броз беше основач на Здружението „Јосип Броз Тито“ и лидер на Комунистичката партија во Србија, а извесно време и пратеник. На изборите во 2016 година беше дел од коалицијата СПС-ЈС. Иако го носеше едно од најпрепознатливите презимиња во поранешна Југославија, тој никогаш немаше материјална сигурност што би го придружувала ваквото семејно наследство.
Неговата приказна останува симбол не само на политичките и историските превирања во регионот, туку и на економските контрасти помеѓу познатото име и сиромавиот живот. На Јошка Броз не му остана ништо од неговиот милионски имот – освен приказната за прстенот што, според неговите зборови, лично Тито му го подарил пред смртта. Прстенот што, како што рече, го добил од Сталин – и со кој бил погребан.