„Почеток за реализација на оперативниот план и затворање на водата во главниот градски цевковод Ф1600 е планирано да отпочне од 21.12.2024 година, а ќе трае до завршување на интервенцијата“, соопштија од ЈП „Водовод и канализлација“. Со ова голем дел од Скопје, а речиси сигурно Карпош и Ѓорче Петров, од сабота ќе остане без вода поради санација на затворачи на главниот цевковод на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до улицата раскрсницата на булевар Партизански одреди со улицата Никола Парапунов. ЈП „Водовод и канализација“ ја сподели информацијата до граѓаните, но не прецизираше кои точно улици или населби ќе бидат без пивка вода и колку време ќе биде потребно за санирање на дефектите.
Од „Водовод и канализација“, соопштуваат дека е изготвувен сложен оперативен план за санација и дека покрај отстранувањето на дефектот на затворачот, на оваа улица ќе биде извршена и санација на уште три дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм и тоа на потегот од Ѓорче Петров до Карпош 4. Но, за да се изведе тоа, во моментот на отпочнување со санација неопходно е затворање на водата на главниот градски цевковод.
Оттаму објаснуваат дека системска промена на затворачите стари и по пет децении и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна за да се зголеми трајноста на водоводната мрежа и да се подобри нивото на притисок во водоводната мрежа.
Со воспоставување зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода, се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем.
Затворање на водата на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било во 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план, со кој поефикасно и побрзо ќе се санира. Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, директно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош – велат од ЈП „Водовод и канализација“.