Од среда до петок ќе се одржат формалните консултации за нова влада на Србија

 Формалните консултации за нова влада на Србија ќе почнат в среда и ќе завршат до петок, изјави вечерва српскиот претсеател Александар Вучиќ.

„Испратив писмо до сите лидери на партии и пратенички групи во Парламентот…пет-шест партии изразија интерес да дојдат на консултации“, изјави тој.

„Ќе се примаат две или три групи дневно и ќе разговараме со нив и очекувам најголемата пратеничка група, Српската напредна партија, да ме информира дали сакаат или не сакаат да формираат влада или сакаат нови избори“, рече тој.

Тој рече дека „она што е сигурно“ и дека е сигурен дека во СНС нема расположение „за ниту една преодна влада“, додавајќи дека тоа е во согласност со неговиот став, јави дописникот на МИА од Белград.

„Нема да има преодна влада…ниту каква било влада што ја бара опозицијата туку – влада што ја посакува мнозинството српски граѓани“.

Новата српска влада мора да биде формирана до 18 април. Доколку тоа не се оствари ќе се одржат предвремени избори.
Српскиот претседател денеска изјави дека наскоро ќе претстави „кој се бил вмешан во обидот за уривање на уставниот поредок во Србија“ и како во него биле вмешани „црногорски мафијашки нарко кланови“.

Зачлени се на нашиот е-билтен