Речиси 90 отсто од Германците веруваат дека странски актери, пред се од Русија и САД, се обидуваат да ги користат социјалните мрежи за да влијаат врз исходот на претстојните парламентарни избори, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење што денеска го објави здружението на дигитални компании Битком.
Во истражувањето спроведено во јануари, со учество на повеќе од 1.000 испитаници, 45 отсто од нив изразиле уверување дека Русија води во обидите да манипулира со изборите.
Мислењето на 42 отсто од испитаниците е дека во манипулациите доминираат САД, секој четврти тврди дека тоа е Кина, а осум отсто ја обвинуваат Источна Европа.
За повеќе од две третини од гласачите, Интернетот е важен извор на информации за изборите закажани за 23 февруари, но 82 отсто сметаат дека разговорот со пријателите и членовите на семејството е поважен.
Повеќе од три четвртини од учесниците во истражувањето придаваат големо значење на телевизиската програма, особено кај луѓето постари од 75 години.
Околу 80 отсто од испитаниците оцениле дека дигиталната политика треба да биде еден од приоритетите на новата влада, пренесуваат британските меидуми.