Унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа изјави дека Европската Унија мора да преземе мерки во случаи кога жртва на брутално тепање е граѓанин на земја-членка на ЕУ, а во исто време го повика Брисел да дејствува против присилното регрутирање во Украина.
-Не можете да држите говори за тоа дали Украина е подобна за членство во ЕУ откако штотуку е погребан некој што бил претепан до смрт за време на присилна мобилизација, рече Орбан во гостувањето на YouTube каналот на весникот „Маџар Немзец“, објави агенцијата МТИ.
Тој рече дека случајот на унгарско-украински државјанин кој почина откако наводно бил претепан за време на присилно регрутирање во Украина мора сериозно да се истражи.
Зборувајќи за ситуацијата во Украина, тој додаде дека е потребен повеќефазе пристап, од кои првиот би бил договори за примирје и мир, проследен со економски договор и договор за ограничување на оружјето со Русија, а на крајот и стратешки договор меѓу Украина и ЕУ.
Орбан истакна дека кога станува збор за Украина, Европа прво мора да го реши прашањето на војната, бидејќи ниедно друго прашање не може да се реши додека војната продолжува.
-Исто така, треба да постигнеме договор за контрола на оружјето, бидејќи ако работите продолжат вака, а мора да потрошиме пет проценти од БДП на оружје, тоа ќе не уништи, рече унгарскиот премиер.
Орбан се осврна и на прашањето за мигрантите, нагласувајќи дека тие не треба да бидат привилегирани поради нивниот правен статус.