Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалните мрежи изјави дека Украина ги засилува нападите врз Унгарија поради унгарското противење на пристапувањето на Киев во Европската Унија, пренесува Будапест Тајм.
„Украинците мора да разберат дека Унгарија од фундаментални и стратешки причини не поддржува членство на Украина во ЕУ. Не сакаме војна, ниту пак сакаме тие да ја уништат европската економија, а со тоа и унгарската“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека „Киев мора да прифати дека тие не одлучуваат за тоа како размислуваат унгарските граѓани“.
Во неодамнешно интервју за радиото „Кошут“, Орбан предупреди на ризиците за Унгарија доколку Украина стане членка на ЕУ. Според него, таканаречениот „Зеленски план“ би предизвикал огромни економски трошоци за унгарските семејства и би ги загрозил националните интереси.
„Брисел не понуди ниту една кредибилна причина зошто Украина треба да биде примена, додека унгарскиот народ веќе даде јасен одговор“, истакна тој, додавајќи дека „тие сакаат да ја ‘усвоиме’ Украина, а со тоа и војната“.