Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ денеска свечено ќе биде отворен во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“, голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години.
Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, како што соопштија организаторите од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка, и во партнерство со Тиииит! Инк., Музејот на современата уметност – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите.
Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand
Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, стои во соопштението, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во
Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.
Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување.
Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија.
– Панкот во Словенија бил и форма на левичарски, просоцијалистички отпор – поврзан со работнички протести и ЛГБТ активизам. Панкот отсекогаш бил тесно поврзан со работничките протести, играјќи улога на културен сојузник во борбата за правда и општествени промени. Од Југославија до денес, панк-бендовите ги поддржувале протестите со музика и јасна политичка порака. И денес, панкелементите се препознаваат во современите работнички побуни како симбол на
отпор, револт и активно учество против експлоатација и политичка апатија, се вели меѓу другото во соопштението.