Ова е градчето што Меланија Трамп го стави на мапата на светот, некогаш текстилен центар, денес туристичка дестинација

Пред да стане модел и прва дама на САД, сопругата на Доналд Трамп, Меланија Трамп беше Меланија Кнаус, Словенка, ќерка на продавач на автомобили и работничка во текстилна фабрика.

Меланија е втората прва дама на САД родена надвор од границите на земјата. Првата беше Луиза Кетрин Адамс, сопруга на Џон Квинси Адамс, родена во Лондон. Џон Адамс беше претседател од 1825 до 1829 година.

Родниот град на Меланија, Севница во Словенија, стана туристичка дестинација откако Доналд Трамп првпат беше избран за претседател на САД во ноември 2016. Луѓето доаѓаат да видат каде првата дама го поминала своето детство, а бројот на посети е зголемен за 30 отсто.

Детството на Меланија и Севница

Меланија Кнаус пораснала во Севница во поранешна Југославија. Родена е во Ново Место, Словенија, во април 1970 година, а детството го поминала во Севница, гратче оддалечено 45 километри.

Зградата во која Меланија Трамп живеела како дете во Севница

Севница се наоѓа покрај реката Сава во централна Словенија и има околу 5.000 жители. Кога се родила Меланија, Словенија беше дел од Југославија, а независноста ја стекна во 1991 година.

Куќата на Меланија Трамп во Севница

Пред Меланија да стане позната, Севница беше позната по фабриките за мебел и облека, како и по годишниот фестивал на салама. Се нарекуваше текстилен центар на поранешна Југославија – поради фабриките и училиштето, кое беше плодно тло за кадри од тој профил за европскиот југоисток. Градот сега е познат по Меланија и по саламите. Во Севница се произведуваат повеќе од 150 видови салама, вклучително и една именувана по првата дама.

Туризмот во Севница почна да расте уште по првиот мандат на Доналд Трамп, и Меланија како прва дама. Градот ја искористи славата на својата најпознат граѓанка, нудејќи тури, сувенири и производи именувани по неа.

Замокот во Севница

Замокот Севница, кој се наоѓа на рид над стариот градски центар на Севница, за прв пат се споменува во 1309 година под името „Castellum Lichtenwalde“.

Низ вековите, замокот ги менувал своите функции и, за разлика од многу други замоци, избегнал уништување за време на селските востанија и турските упади.

Денес, тој е централен културно-историски објект во регионот, каде се одржуваат музички концерти, изложби и традиционалниот Летен фестивал на замокот Севница.

Посетителите можат да уживаат во тури низ барокните салони, галерии, капела и винарска визба, како и прекрасни погледи на долината на реката Сава.

Зачлени се на нашиот е-билтен