Студентите во блокада и граѓани вечерва се собраа пред Правниот факултет во Белград во знак на поддршка за професорката, портирот и студентите кои утрово беа нападнати на тој факултет, а собирот во објавите на Инстаграм беше наречен „Доста е од крв“.
Собирот го обезбедува сообраќајната полиција, а пред влезот на факултетот стојат пораки „Адвокатите бараат правда“, „До кога?!“ и знамето на Правниот факултет. Планот е протестот да трае околу еден час, пренесува ФоНет.
„Ова е уште еден обид да се заплашат и омаловажат членовите на академската заедница, но тоа нема да не спречи да останеме обединети во нашите понатамошни напори за да нема раздор меѓу нас и да покажеме дека Универзитетот во Белград ни е свет“, им порача на насобраните Владан Ѓокиќ, ректор на Универзитетот во Белград, пренесува Н1.
Ректорот Ѓокиќ истакна дека Универзитетот во Белград мора да остане сложен и обединет во напорите да се зачува како најзначајна академска институција во оваа земја.
„Поддршката од академската заедница е нешто што ни треба. Ви благодариме на сите што излеговте да ги поддржите нашите академици, факултети, чувари и студенти кои беа нападнати денеска“, рече тој.
Својот говор Ѓокиќ го заврши со „да живее Универзитетот во Белград“.
Инцидентот на Правниот факултет се случи утрово кога студент кој се запишал на студии во 2015 година, физички ја нападнал професорката по облигационо право Марија Караникиќ Мириќ во нејзината канцеларија, по што вратарот се обидел да и помогне, при што добил и неколку удари.
Студент ја удрил професорката по лице, а студентите кои го блокирале Правниот факултет го совладале напаѓачот и повикале полиција. Професорката и портирот се пренесени во Ургентниот центар.
Јавниот обвинител на Првото основно јавно обвинителство Белград му одреди притвор на М.С.