Оваа недела ќе биде клучна за утврдување дали Русија и Украина се подготвени да постигнат договор за прекин на војната, изјави денес американскиот државен секретар Марко Рубио.
Американскиот претседател Доналд Трамп врши интензивен притисок за што поскоро прекинување на непријателствата во Украина и покажува растечки знаци на нетрпение кон Киев и Москва.
Во саботата, Трамп се сретна со својот украински колега Володимир Зеленски во Рим, на маргините на погребот на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, и изрази сомнежи за подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да го реши конфликтот во Украина.
„Блиску сме (до договор), но не доволно блиску. Мислам дека оваа недела ќе биде клучна. Ќе мора да одлучиме дали сакаме да продолжиме да бидеме вклучени во овој потфат или е време да се фокусираме на други прашања кои се подеднакво важни, или дури и поважни, во некои случаи“, рече Марко Рубио во интервју за американската телевизиска мрежа NBC (NBC).
Според него, постојат „причини за оптимизам, но и причини за реализам“ во однос на шансите за постигнување договор, три години по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Рубио повтори дека „нема воено решение за оваа војна“.
„Единственото решение за оваа војна е договорено решение каде што секоја страна ќе мора да направи отстапки“, додаде Рубио.