Папата Франциско беше во стабилна состојба во неделата и не му беше потребна механичка вентилација, соопшти Ватикан.
Тоа беше знак дека тој ги надмина можните компликации од респираторната криза во петокот и дека неговата целокупна респираторна функција се подобрува додека закрепнува од билатерална пневмонија, објави Асошиејтед прес (АП).

Поглаварот на Католичката црква продолжи да добива дополнителен кислород со висок проток по епизодата на кашлање во петокот, што ги зголеми стравувањата од нова инфекција на белите дробови.
Лекарите во вчерашното соопштение констатирале и дека состојбата на папата е стабилна, но тие повторно се осврнале на сложеноста на неговата целокупна состојба и останале претпазливи во прогнозите, што значи дека тој не е вон животна опасност, наведува АП.

Папата Франциско, кој е во болница од 14 февруари, повторно го прескокна благословот на неделниот пладне за да избегне дури и кратко појавување во јавноста надвор од болницата.
Наместо тоа, Ватикан сподели порака напишана од папата од болницата Џемели во која тој им се заблагодарува на лекарите за грижата и на добронамерниците за нивните молитви и повторно се моли за мир во Украина и на други места.
Тој рече дека ја доживува својата хоспитализација како искуство на длабока солидарност со луѓето кои се болни и страдаат насекаде, според АП.