Партијата на Таравари денеска ќе одлучи како ќе настапи на локалните избори

Делот од Алијансата за Албанците што ја предводи Арбен Таравари, актуелниот министер за здравство, денеска ќе одржи Централно претседателство на кое ќе се одлучува за настапот на претстојните локални избори. 

На Централното претседателство на партијата, како што рече, ќе заземат став како ќе продолжат понатаму. Во партијата, како што потенцира, се прават одредени анализи и анкети кои покажуваат дека во одредени општини би имале добар резултат и доколку настапат сами. 

Таравари вчера изјави дека како политички субјект на претстојните локални избори имаат две опции – едната е да продолжат во рамки на коалицијата Влен, а другата е да излезат од коалицијата и да настапат сами.

-Така што тука е изборот меѓу овие две опции. Нема трета опција, рече Таравари вчера на новинарско прашање во однос на барањето на лидерите од партиите во рамки на коалицијата Влен да одбере страна. 

На Централното претседателство на партијата, како што посочи, сака да ги слушне ставовите, пред да биде донесена одлука.

– Аналитичкиот центар на АА има направено одредени анкети, ќе ги презентира и ќе треба да донесеме заедничка одлука како да се настапи, додаде Таравари и појасни дека добро котираат во Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Сарај, Липково… 

-Не мислиме дека ќе победиме, меѓутоа мислиме дека може да направиме добар резултат,  меѓутоа ајде да видиме. На крај, граѓаните одлучуваат, нагласи Таравари. 

Коалицијата Влен во петокот одржа состанок во Скопје на којшто лидерите на дел од Алијанса за Албанците Арбен Таравари, Демократското движење Изет Меџити, на Беса Биљал Касами и на Алтернатива Зеќирија Ибраими разговараа за состојбата внатре во коалицијата и за претстојните локални избори.   

Зачлени се на нашиот е-билтен