Првиот човек на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, изјави дека Фед ќе почека дополнителни податоци за оценка во која насока се движи економијата пред евентуални промени на каматите.
Во говор следен од економистите и аналитичарите, тој предупреди дека тарифната политика на претседателот Доналд Трамп може да доведе до отстапки од целите на централната банка на САД во однос на инфлацијата и вработеноста.
Ова беа првите коментари на Пауел откако Трамп минатата недела одложи некои од најстрогите царини. Тој ја опиша неодамнешната нестабилност на пазарите како очекувана реакција на трговските промени, а не како знак на економска криза која бара итна интервенција од страна на Фед.
– Економијата може да се соочи со предизвици доколку тарифите ги зголемат ценовните притисоци, а растот и пазарот на труд може да забават. Ова може да доведе до понатамошни отстапки од таргетираната инфлација од 2 отсто и максимална вработеност – двата основни приоритети на Фед, истакна Пауел.
Тој додаде дека „ефектите од царините се посилни отколку што укажуваа дури и најпесимистичките сценарија на Фед, а растот на економијата изгледа забавува“. – Потрошувачката е скромна, растот на увозот со цел избегнување на најавените царини може да влијае врз БДП, а економското расположение се влошува, рече Пауел.
И покрај тоа, Пауел додаде дека економијата сè уште е во добра состојба, но со зголемена неизвесност.
На овие коментари синоќа реагираа берзите на Волстрит, со пад на акциите на главните американски технолошки и индустриски индекси. Тргувањата денска започнаа и продолжија во црвено салдо.