Претседателката Гордана Силјановска Давкова е невидлива во областите во кои треба да биде највидлива, смета поранешниот претседател Стево Пендаровски.
„Надлежностите на претседателот на државата утврдени со Устав се надворешна политика, одбрана и безбедност. И ова последново, предлог за гувернер на Народна банка е дојден од владејачката партија. Тоа е јавна тајна кај нас. Меѓутоа во делот каде што вие имате ексклузивна надлежност, на пример директор на Агенција за разузнавање или заменик-директор, началник на Генералштаб итн. Сите предлози се дојдени од страната на владејачката партија. Значи практично во она во кое сте вие ексклузивно надлежни, вие имате ситуација како со гувернерот сега последниот пат да премиерот вели: Јас закажав седница во Собрание со спикерот. Не ве прашува вас, а вие сте тој кој треба тоа да го предложите“ порача Пендаровски во интервју за Дојче Веле.
Како пример за недејствување, Пендаровски го зема фактот и што претседателката во првата година од мандатот ниту еднаш не одржала состанок на Советот за безбедност.
„Замислете, со сите овие турбуленции кои се случуваат последнава година, не само Украина, туку генерално сѐ што се случува, вклучително и новата администрација во САД која го потресе целиот свет, најголемите сојузници на Америка, вие немате ниту една средба на Советот за безбедност. Значи, од кадровската политика, до практичната- конкретна политика ваша, содржина во политичкото поле, вие сте практично или следбеник на владата или избегнувате да си ги преземете и да ги вршите вашите функции според Уставот“ порача Пендаровски