Во Пентагон синоќа потврдија дека Русија лансирала експериментална балистичка ракета со среден дострел кон територијата на Украина и дека САД биле известени кратко време пред стартот на оружјето.
Според портпаролката Сабрина Синг, оружјето е модификација на руската интерконтинентална балистичка ракета РС-26 „Рубеж“ способна да носи нуклеарни боеви глави.
– Соединетите Американски Држави беа известени кратко време пред лансирањето преку каналите за намалување на нуклеарниот ризик, изјави Синг.
– Ова е нов тип на смртоносен капацитет ставен во употреба на бојното поле. Дефинитивно тое предизвикува загриженост, изјави таа, посочувајќи дека оваа ракета со среден дострел е способна да носи и конвенционални и нуклеарни боеви глави.
Според достапните информации, ракетата „Орешник“, како што ја опиша вчера во своето обраќања до јавноста рускиот претседател Владимир Путин, удрила на одбранбено-индустрискиот комплекс во градот Днипро.