Пет мајки си ги зеле децата кои биле во „куќата на ужасот“ во Брчко: Малите биле во Центарот за социјална работа


Децата од „куќата на ужасот“ во Брчко веднаш се згрижени и сместени на безбедно место. Пет мајки дошле да си ги земат децата во Центарот за социјална работа, каде што итно биле однесени децата по грозоморното откритие и ужасот во куќата во Брчко, јавува Република.рс

Според информациите до кои дојде порталот, родителите свесно ги оставиле децата во таа куќа, наводно на чување. Родителите кои ги оставија децата дома во Брчко се товарат за запуштање, а се претпоставува дека наскоро ќе бидат и кривично гонети. Ова го потврди хрватскиот министер за полиција Давор Божиновиќ, кој изјави дека хрватската полиција е во контакт со нивните колеги од Брчко.

Тој посочи дека ова е една од потенцијално најтешките облици на организиран криминал, со оглед на тоа што во него се вклучени деца. Тој потврди дека во БиХ се уапсени осум возрасни лица и додаде: „Изгледа дека меѓу децата кои се хрватски државјани има и деца чии родители се уапсени“.

„Ова е многу сложена кривична истрага, имајќи предвид дека се работи за мобилни групи кои се движат од земја во земја и имаат различно државјанство, а можеби некој е роден во една земја, а живее во друга, има документи од трета или повеќе земји и сигурно е дека оваа кривична истрага ќе потрае“, нагласи Божиновиќ.

За потсетување, децата биле пронајдени во вторникот, а истата вечер биле приведени три лица, а во средата уште две. Не се знае кога се приведени уште три лица.

Во куќа во предградието на Брчко, биле 31 дете, сите запуштени, претежно девојчиња. Многу од децата не ни знаеле каде се, ниту каде се нивните родители, вели извор за N1 Сараево. Уапсени се осум лица, а што планирале осомничените со децата е прашање што ја вознемирува пошироката јавност во БиХ, но и во Хрватска, бидејќи кај некои од децата биле пронајдени пасоши од таа земја. Децата ги спасила чиста среќа и храброста на едното дете, кое успеало да излезе од куќата и така ги спасило сите останати.

Еден од родителите, наводно, вчера дошол да си ги земе децата и рекол дека живее во Бања Лука, а неговата сопруга е во Хрватска. Децата кои се хрватски државјани не се на списокот на исчезнати деца, а нивните родители се уапсени.

Зачлени се на нашиот е-билтен