Тетовскиот суд по втор пат ќе донесе пресуда за медицинскиот и економскиот директор и Клиничката болница во Тетово, кои се обвинети за трагедијата во модуларната болница која изгоре во 2021 година, но постапката која требаше да го даде одговорот како биле градени и пуштени во употреба сите модуларни болници кои функционираа во земјава за време на ковид кризата речиси четири години е во предистрага.
Денеска напладне во Тетово се очекува да биде изречена пресуда за пожарот во модуларната болница. Во завршните зборови на последното рочиште, обвинителството побара казни, а обвинетите слобода, додека роднините на загинатите три години и осум месеци чекаат правда.
За пожарот во модуларната болница, во кој загинаа 14 луѓе, обвинети се двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми. Нивните адвокати велат дека кај нив нема одговорност, бидејќи модуларните болници биле под други министерства, а обвинетите директори немале обврска за поставување противпожарни апарати, спротивно на барањето на обвинителството кое, пак, очекува затворски казни, затоа што според нив двајцата обвинети имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го направиле според пропишаните норми.
Роднините на загинатите не може да бараат отштета, бидејќи прво се чека кривична пресуда.
Тие се незадоволни од истрагата на обвинителството, затоа што се обвинети само директорите за противпожарни апарати, а не и оние кои го предизвикале пожарот со ракување на медицинската апаратура.
Засега нема логично образложение зошто за предметот кој го води обвинителката Елизабета Јосифовска, а требаше да ја проверува тендерската документација за сите болници сè уште нема јавнообвинителска одлука. Нов момент е дека овој предмет е на разгледување во републичкото обвинителство откако бил примен допис – претставка.
Ова е второ судење за случајот, бидејќи првата пресуда во која директорите добија условни затворски казни беше поништена на Апелациониот суд во Гостивар.