Побарани доживотни затвори во судењата за Вања и Панче

На денешното рочиште за монструозните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, обвинителките Ана Стојковиќ-Димитровска и Жаклина Крстевска побараа максимална казна – доживотен затвор – за обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

„Делата се сторени со умисла, со намера. Жртвите се грабнати на ист начин, загрозени, врзани, во страв. Двете дела се убиства на свиреп начин, за кои е предвидена најтешка казна“, изјави обвинителката Стојковиќ-Димитровска, додавајќи дека жртвите биле ставени во гепек и им бил вперен пиштол – траума од највисок интензитет што предизвикала тешко страдање.

Таа особено го нагласи фактот дека Вања била дете на само 14 години, што само по себе, според обвинителството, е доволно за изрекување доживотна казна.

Во однос на прашањата на јавноста за мотивот, обвинителката беше децидна: „Не е нужно да се утврди мотив за да се докаже нечија вина. Отсуството на мотив, кој е субјективен однос на сторителот кон делото, не е причина за ослободителна пресуда.“

Според обвинителството, целта на обвинетите била парична добивка, а Вања била „сржта на планот“. Жежовски, од друга страна, бил избран бидејќи поседувал автомобил – „цитроен“ со голем гепек – потребен за извршување на грабнувањата. Целиот план, според обвинителките, бил детално испланиран, а по убиствата трагите биле систематски уништени, вклучително и оружјето.

„Нема олеснителни околности – сите обвинети се возрасни, родители, а некои сакале да бидат и политички фактор. Земале живот на дете – нешто што не се толерира“, рече обвинителката.

Дополнително, Обвинителството побара затворска казна и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кој, иако не го обвинуваат за умисла, сметаат дека играл активна улога во грабнувањето. „Неговата улога е трагична и сметаме дека треба да биде прогласен за виновен“, истакнаа обвинителките.

Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, три дена по пријавата за исчезнување на Панче Жежовски од Велес. Телата на двајцата беа пронајдени на 3 декември – Жежовски во близина на Велес, а Вања во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен