Арсим Папранику е бизнисменот кој со својот автомобил со дипломатски таблички го одвезол Артан Груби до Косово, непосредно пред почетокот на полициската акција по која Груби е осомничен за злоупотреби во Државната лотарија, објави „Телма“ повикувајќи се на извори на истрагата.
Според овие извори, Груби кон Косово патувал под дипломатски превез, со познатиот бизнисмен Папранику, кој во 2018-тата година е именуван за почесен конзул на Косово во земјава.
Папранику е сопственик на ланецот продавници за технички стоки „Нептун“, а инвестираше и во изградбата на „Ист Гејт Мол“.
Во случајот со Лотарија, осомничен е и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, за кого премиерот Мицкоски вечерва во интервју за ТВ21 рече дека подолго време бил надвор од државата.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ21 рече дека поранешниот вицепремиер Артан Груби ја напуштил државата со автомобил, во друштво на „еден стопанственик“, на граничниот премин „Блаце“ кон Косово.
Тој тоа го сторил со возило кое имало дипломатски таблички, вели Мицкоски во интервју за телевизијата
„Моите информации се дека поранешниот директор на Државна лотарија подолго време не е во земјата, додека поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблички ја напуштил границата на Македонија и заминал во Косово“, рече Мицкоски.
Груби вчера во објава на Фејсбук негираше дека избегал од државата, наведувајќи дека е во Косово во приватна посета и дека ќе се врати