Спонтаната комеморација од ожалостените семејства и локалните жители во црквата со поглед на божиќниот пазар во Магдебург еволуираше од жалење за жртвите и повредените во политички собир.
Променетиот тон на местото на нападот со автомобил во петокот, во кој загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени, ги одразуваше политичките тензии во земјата опфатена со расправии за имиграцијата и за зголемената популарност на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Властите уапсија Саудиец со историја на антиисламска реторика, но рекоа дека се уште не се познати мотивите за нападот.
Во почетокот, додека луѓето положуваа цвеќе пред црквата во раните утрински часови, имаше само изрази на тага и жалење.
Андреа Реис (57) пристигнала со нејзината ќерка Јулија (34) и раскажа дека за влако го избегнале инцидентот.
Само затоа што нејзината ќерка сакала да продолжат да шетаат низ пазарот наместо да застанат да јадат, тие не биле на патот на автомобилот што помина низ пазарот, рече таа.
„Тоа беа ужасните звуци, децата што викаа ‘мама, тато’, ‘помогни ми’ – сега ми се вртат во главата“, рече Реис, а солза и тече низ образот, пишува Ројтерс.
Друга млада жена плачеше, свиткана од тага додека постар пар ја прегрна.
Првично, нападот привлече споредби на социјалните мрежи со смртоносниот напад на имигрант под влијание на исламисти на божиќниот пазар во Берлин во 2016 година.
Подоцна се покажа дека осомничениот, психијатар кој живеел во Германија 18 години, го критикувал исламот и бил симпатизер на екстремната десница во минатите објави на социјалните мрежи. Откако тоа беше откриено, радикалната десница во Германија, но и низ Европа го промени наративот.
Мартин Селнер, Австриец популарен кај германската екстремна десница, објави на социјалните мрежи дека мотивите на осомничениот „изгледале сложени“, додавајќи дека осомничениот „го мразел исламот, но повеќе ги мразел Германците“.
Како што минуваше денот, политичарите, вклучително и канцеларот Олаф Шолц, дојдоа да положат цвеќе.
До моментот кога дојде Тино Крупала, ко-лидерот на АфД, толпата беше исполнета со млади луѓе кои одговорија од цела источна Германија на повиците на младинското крило на партијата на социјалните мрежи да присуствуваат на бдеењето.
Партијата, особено силна во источна Германија, беше прва или втора во три регионални гласања оваа есен и се надева на поголем успех на националните избори во февруари.
Многу од насобраните поддржувачи носеа симболи поврзани со неопаганството и други мистични движења поврзани со екстремната десница.
Еден млад човек, кој рече дека е од младинското крило на АфД, носел амајлија на која е прикажан чеканот на нордискиот бог Тор.
„Верувам во старите богови“, рече тој, одбивајќи да го каже своето име.
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер изрази загриженост дека нападот може да биде искористен од екстремната десница, но рече дека малку може да се направи за да се спречат навидум координираните собири.
„Имаме слобода на собирање во оваа земја“, рече таа при обиколката на местото на нападот. „Мораме да направиме се што е можно за да се осигураме дека нападот нема да биде злоупотребен од ниту една страна.“