Последната седмица пред Велигден е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание). Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. Таа е недела на страданијата Господови. Сè е во спомен на последните денови од земниот живот на Спасителот наш Господ Исус Христос: Неговите страдања, смртта и погребението.
Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа. Свети Јован Златоуст вели: „Во таа седмица е пресудена древната тиранија на ѓаволот, победена е смртта, врзан е силниот (ѓаволот) и уништено неговото оружје, искупен е гревот, симната е клетвата и рајот е отворен. Тогаш небото престанало да биде недостапно. Луѓето се зближиле со ангелите. Оттргната е преградата што ги разделувала луѓето од Бога. Границите се избришани. Бог на мирот ги измирил небесното и земното“.