Во соопштението за „надградената“ црна листа на Стејд Департментот, покрај имињата на Артан Груби и апелациониот судија, Енвер Беџети, стои и трето, она на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кој во минатото беше висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги означува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Северна Македонија. Мијалков беше означен (ставен на црната листа, н.з) во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OФАЦ (OFAC) го санкционираше според Е.О. 14033“, стои во соопштението од Стејт Департментот.
Груби и Беџети се поврзуваат со најголемиот судски предмет на поранешното СЈО, „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на досега најмасовното прислушување нка околу 20.000 граѓани, во времето на Никола Груевски. Главниот обвинет, во случајот беше, Сашо Мијалков, кој првостепено доби 12 години затвор. Но, по враќањето на предметот во Апелациониот суд , судијата – известител, Беџети, не го закажуваше судењето. Пресудата беше укината, а процесот вратен на почеток. Со измените на Кривичниот законик, предметот „Таргет – Тврдина“, застаре.
Во меѓувреме не стивнуваат реакациите од ВМРО-ДПМНЕ. Тие денеска побараа одговорноста да се прошири и на партискиот лидер на ДУИ, Али Ахмети.
„Артан Груби не бил сам во случаите на сомнежи за криминал. Тој имал свои соучесници кои мора да одговараат. Не е можно Артан Груби да се сомничи за криминал, а Али Ахмети да е чесен. Треба да одговара и Ахмети за сето она што им го направи на граѓаните на Македонија и Албанците кои ги злоупотребуваше и се богатеше на нивен грб како и Македонците кои здружно со СДС ги крадеа“, посочуваат од владаејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ги повика правосудните органи во државата без компромис да ги истражат и санкцкионираат сите сомнежи за корупција.
„Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани“, велат од СДСМ.
По ставањето на црната листа, Артан Груби најави повлекување од политиката а Јавното обвинителство информираше дека е оформен предмет за поранешниот прв вицепремиер Артан Губи и судијата Енвер Беџети и дека веќе е проследен до надлежно обвинителство за натамошно прибирање докази.