Во пет хрватски градови денеска се спроведува полициска акција за апсење на осомничени за економски криминал и загадување на животната средина, јавува хрватскиот портал „Индекс“.
Акцијата се одвива по наредба на Службата за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), а таргетира неколку лица осомничени за криминални активности поврзани со животната средина и финансиски злоупотреби.
Апсењата се извршуваат во Загреб, Карловац, Вараждин, Чаковец и Госпиќ, а по сослушувањето на осомничените, УСКОК ќе одлучи за понатамошните чекори.
Хрватското Министерство за внатрешни работи соопшти дека операцијата се реализира во координација со Европол.
Според „Индекс“, главен осомничен е Јосип Шинцек, кој организирал нелегален увоз на пластичен и медицински отпад од Италија и Словенија. Отпадот бил несоодветно складиран во Хрватска, при што предизвикал сериозни ризици за животната средина и здравјето на населението.
Групата е осомничена и за перење пари, фалсификување документи и затајување даноци.