ЦУК: Пожарот во Чучер Сандево надвор од контрола

Пожарот на територијата на Чучер Сандево и покрај интервенциите од воздух, се уште е надвор од контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според ЦУК, чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, се до Бутел, а регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи.

Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.

„Во текот на денешниот ден, на терен интервенираа сите расположливи сили и средства — општински служби, физички и правни лица, како и екипи од БППЗ, ДЗС, МВР и ЦУК. Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки. Голема е вознемиреноста кај населението. Во раните утрински часови беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов“, наведува ЦУК.

За утре е планирано акциите да почнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен