Портпаролка на Трамп: Царините кон Кина остануваат високи, работиме на нови трговски договори

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на денешната прес-конференција изјави дека претседателот Доналд Трамп ќе продолжи со агресивната царинска политика кон Кина, при што царините на кинески производи ќе останат на нивото од 145 отсто.

– Кога Америка е нападната, претседателот Трамп возвраќа уште посилно, изјави Левит. Таа нагласи дека високите царини се дел од севкупната стратегија за заштита на американската индустрија и работни места.

Според неа, САД имаат „најсилна економија на светот“, а Трамп сака да ја зачува нејзината стабилност преку нови трговски договори. Таа вели дека се работи на договори со повеќе земји, за кои не откри детали, но потврди дека „веќе има 15 понуди на маса“ и интерес од преку 75 држави за преговори.

– Нашите сојузници знаат дека им е потребен американскиот пазар, потребна им е нашата потрошувачка основа – многумина не можат да преживеат без нас, рече таа, споменувајќи ги Израел и Јапонија како земји кои веќе стапиле во контакт со администрацијата.

Левит додаде дека трговската и царинската агенда на претседателот не е само за зголемување на буџетските приходи, туку и за јакнење на домашното производство, намалување на трошоците за живот и обезбедување на клучните синџири за снабдување внатре во САД.

– Претходните администрации немаа храброст да ги променат старите модели на глобална трговија – Трамп го прави тоа сега, рече таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен