По лабораториски анализи на Институтот за јавно здравје синоќа се потврдени два случаи на мајмунски сипаници. Се работи за двајца машки пациенти родени 1981 и 1985 година, и двајцата од Скопје. Попладнево заседава Комисијата за заразни болести, од која се очекува да произлезат точни и стручни препораки и заклучоци околу состојбата со мајмунските сипаници, соопштија претставници на надлежни институции.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски на денешната прес-конференција информира дека мајмунските сипаници претставуваат вирусно заболување, чии вообичаени симптоми се осип на кожа, треска, главоболка, болки во мускули, грб, како и општа слабост и отечени лимфни јазли. Нагласи дека болеста се пренесува преку близок контакт со заболен, со контаминирани материјали или со заразени животни, а вирусот се третира симптоматски.
„Веднаш се пристапи до координација со институциите и епидемиолошка анкета на потврдените два случаи. Веднаш е информиран директорот на Инфективната клиника и директорот на Санитарен и здравствен инспекторат. Утрово одржавме повеќе координативни состаноци со претставници на Институтот за јавно здравје, на Светската здравствената организација за тековните активности и за понатамошните активности кои што следат“, рече Андоновски.
Апелира граѓаните да не креваат паника оти, како што рече, системот функционира и се преземаат сите потребни активности.
„Апелирам до јавноста дека не треба да постои паника, затоа што иако станува збор за заразно заболување сепак не се пренесува толку брзо како другите заразни заболувања. Сакам да ве уверувам дека системот функционира во целост, од почетокот па се до крајот“, рече Андоновски.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска информира дека се работи за двајца машки пациенти родени на 1981 и 1985 година, и двајцата од Скопје. Според информациите шти ги дале двајцата пациенти не патувале никаде надвор од државата. Таа нагласи дека едниот пациент е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, а според нејзините информации другиот се уште не се пријавил на ниту една од клиниките и не е хоспитализиран. Потенцира дека не се поврзани случаи. Таа соопшти дека направиле напори со помош на СЗО во текот на попладневните часови да испратат материјали од заболените со мајмунска сипаница и во европска лабораторија во Холандија, за да се потврди подтипот на мајмунските сипаници.
Андоновска информира дека до Комисијата за заразни болести ќе предложат протоколи за можната патека за движење на пациентите коишто евентуално би биле суспектни на мајмунски сипаници. Очекува овој протокол да биде усвоен на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести.
„На денешните состаноци коишто ги имавме и на вчерашните зборувавме и за можната патека за движење на пациентите коишто евентуално би биле суспектни на мајмунски сипаници и на денешната комисија како Институт ќе предложиме една патека за движење што ќе опфаќа матичен лекар, кој препраќа до Кожна клиника или кожно одделение во одредени градови или на Инфективна клиника или Инфективно одделение во другите градови, тука специјалисти ги прегледуваат пациентите, носат одлука доколку се работи за суспектен случај се зема материјалот, на стручен начин и истиот материјал се прави пренос на материјалот, по соодветен протокол до ИЈЗ, бидејќи Институтот е единствената институција во државата во моментов која што располага со опрема и кадар за докажување на мајмунските сипаници. Овој наш протокол ќе биде исто така предложен до Комисијата за заразни заболувања“, рече Андоновска.
Епидемиологот Драган Кочински информира дека во однос на симптоматологијата пациентите се со полесна клиничка слика.
„Едниот веќе е хоспитализиран заради изолација. Во однос на контактите, пациентите соработуваат. Кај едниот случај имаме две семејства кои се наведени како контакт, а за другиот случај се уште трае истражувањето. Стапено е во контакт со семејствата. Во моментов нема потреба да се земаат материјали за испитување, бидејќи немаат никакви симптоми на заболувањето. Се следи нивната здравствена состојба и при развивање на први симптоми кај тие луѓе, ќе бидат земени соодветни материјали за испитување“, рече Кочински.
Тој соопшти дека вакцината за мали сипаници не штити за мајмунска сипаница оти, како што рече, постои посебна вакцина која е на светско ниво.
И директорката упати апел граѓаните да не креваат паника и потенцира дека не се работи за ново заболување и оти за него веќе има протоколи.
„Иако се работи за инфективно заболување и иако е првпат од лабораториски потврдено во нашата држава, сепак ова не е ново заболување, веќе постојат одредени протоколи кои се начините за справување со овие ситуации“, додаде таа.
Директорката нагласи дека Институтот во декември снабдил доволна количина на реагенси.
„Во текот на вчерашниот ден од Кожна клиника беа донесени примероци за двајца пациенти коишто беа суспектни за мајмунски сипаници и воедно беше побарано од лабораториите на Институтот освен за мајмунски сипаници да бидат испитани и за други одредени заболувања како што се ХИВ, херпес, сифилис и слично. ИЈЗ ги испита добиените примероци и од она што ние го утврдивме за сите претходно споменати заболувања дека двајцата пациенти се негативни, но добивме позитивни резултати за мајмунски сипаници и тука не застана нашата работа, испитавме уште на два други начини, што значи дека на три начини се испитани за да добиеме потврда дека се работи за манкипокс. Морам да нагласам дека ИЈЗ – Одделот за вирусологија е меѓународно акредитирана и единствена акредитирана лабораторија во државата. Така да, сметаме дека податоците се најрелевантни. Како и Институт ги следиме состојбата во регионот и пошироко, како на ова заболување така и на останатите инфективни но и неефективни заболувања, можевме да ги предвидиме настаните и уште во декември минатата година се снабдивме со доволно количини на реагенси. Со состаноците коишто ги имавме со СЗО иако располагаме со доволни количини на реагенси снабдени во декември, ние побаравме за секој случај дополнителни количини и од информациите коишто ги добивме е дека во текот на денешниот ден попладне ќе бидат испратени нови залихи на реагенси, што значи во тој аспект сме веќе на добар пат“, рече директорката на ИЈЗ.
Андоновска истакна дека ИЈЗ подготвила и кратка информација што значат мајмунските сипаници, како се пренесуваат, симптомите, дијагнозата, терапијата и истите ќе бидат објавени на нивната веб-страна. Потенцира дека во подготовка се како Институт со Одделот за епидемиологија за изготвување на протокол за постапување на здравствените работници, кој во текот на денот се очекува да биде дистрибуиран до сите здравствени работници за да знаат како да постапуваат.
ИЈЗ подготвила и две телефонски линии – едната ќе биде наменета за информации за граѓаните, а другата телефонска линија ќе биде наменета за здравствените работници. Исто така, како што рече Андоновска, на овие линии ќе бидат стручни лица од Одделот за епидемиологија во ИЈЗ.