Иран и Пакистан воведоа нови мерки за Авганистанците на нивна територија, а Техеран постави рок до „6 јули“ до кога „четири милиони нелегални Авганистанци“ треба да ја напуштат иранската територија.
„Она што го гледаме денеске е недостоинствен, неорганизиран и масовен егзодус на Авганистанци од двете земји, што врши огромен притисок врз Авганистан, кој е подготвен да ги прими, но целосно не сака да го стори тоа, рече Џамал“, претставникот на УНХЦР во Авганистан.

„Загрижени сме за обемот, интензитетот и начинот на тие враќања“, продолжи тој.
„Во однос на обемот, повеќе од 1,6 милиони Авганистанци се вратија од Пакистан и Иран оваа година – 1,3 милиони само од Иран“, рече Џамал.
Тој број веќе ја надминува првичната прогноза на УНХЦР од 1,4 милиони до 2025 година, поради што прогнозите се ревидирани.
Француските медиуми објавија дека Канцеларијата на ОН сега проценува дека три милиони луѓе би можеле да се вратат во Авганистан годинава.
Агенцијата на ОН е исто така загрижена за условите за враќање, со „повеќе од 30 илјади луѓе дневно“ на граничниот премин Ислам Кал помеѓу Иран и Авганистан.
Џамал нагласи дека на 4 јули биле регистрирани дури 50.000 преминувања на овој граничен премин.
Претставник на УНХЦР предупреди дека многу повратници пристигнуваат на високи температури, уморни и дезориентирани, во често преполни центри.
ОН воведе вонредни мерки за воспоставување санитарни услови и снабдување со вода за седум до 10 илјади луѓе дневно, како и вакцинации, исхрана и простории за деца.
Многу од повратниците пријавуваат притисок од иранските власти, вклучително и апсења и депортации, јавуваат француските медиуми.