Пожар во општините Ѓорче Петров и Карпош, во Бардовци се вакуирани пациенти и персонал од психијатриската болница

Попладнево изби пожар во скопската населба Геге, кој брзо се прошири кон Бардовци и зафати дел од дворот на Психијатриската болница. Огнот захвати површини со сува трева и дрвја, заканувајќи се да навлезе во самиот комплекс на болницата.

Навремено реагирање спречи поголема трагедија – сите пациенти и персоналот беа безбедно евакуирани.

Со соопштение се огласи и Општина Карпош која пренесе информации за пожарот во Општина Ѓорче Петров, делот кај Волково кој потоа се префрлил од другата страна на реката Лепенец, во атарот на населеното место Бардовци.

Противпожарните екипи го локализираа пожарот, но густ црн чад и натаму се шири во околината и ветерот го носи во целост врз населеното место Бардовци. Дополнително ова населено место е во опасност од густ црн чад од пожарот во Блаце каде гори нискостеблеста шума и се шири со голема брзина.

Препорака од Општина Карпош до жителите на населеното место Бардовци, доколку се во состојба барем наредниве 5-6 часови да бидат надвор од ова населено место, додека целосно не биде изгаснат овој пожар. Густиот црн чад претставува посебна опасност за малите деца, лица со респираторни проблеми, како и срцевите болни.

Од Општина Карпош информираат дека будно ќе ги следат овие два пожари и дополнително ќе ги информира граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен