Националното собрание на Република Српска (НСРС) синоќа усвои закон со кој се забранува работата на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСТС).
Со гласовите на претставниците на владејачката коалиција, предводена од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), беше усвоен Законот за неизвршување на законите и забрана на акти на вонуставни институции на БиХ, со кој се предвидува законите за Судот на БиХ, за Обвинителството на БиХ, СИПА и ВСТС повеќе нема да се применуваат територијата на РС.
Надлежните институции и тела на РС се должни да ги преземат сите мерки за да се обезбеди спроведување на овој закон, се наведува во неговото образложение, што до Собранието го предложи Владата на РС.
Пратениците на владејачката коалиција, исто така, усвоија закон со кој се основа Висок судски и обвинителски совет на РС (ВСТС), што треба да ги преземе овластувањата на ВСТС на Босна и Херцеговина, односно да ги пропише овластувањата, условите и мандатот за вршење на судските и обвинителските функции, како и за назначување на судиите и јавните обвинители.
Со исто толку гласови беа усвоени измените на Кривичниот законик на РС, според кои ќе одговараат сите функционери на РС кои не ги почитуваат одлуките на ентитетските тела и институциите во органите на БиХ, за што се закануваат затворски казни од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавна должност.