Повлечен од скратена постапка и поднесен за редовна е предлогот за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог-измените наидоа на остра реакција од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата која бараше веднаш да се стопира иницијативата за измена на Законот, како и од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Анткорупциската платформа укажа дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки (БЈН) се сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции.
И Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска изрази „сериозна загриженост“ поради предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, кои се носат по скратена постапка и без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици. ДКСК истакнува дека особено загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени.