Пратеник од Алијансата на Таравари си поднесе оставка

Салим Сулејмани денеска на социјалните мрежи објави дека поднесува оставка од сите функции во Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, како и од функцијата пратеник во Собранието. Како причина за оставката, Сулејмани ги наведе моралната, професионалната и политичката одговорност.

Во објава на Фејсбук, Сулејмани остро го критикуваше неодамнешното приближување на неговата партија кон Демократската унија за интеграција (ДУИ), особено во контекст на претстојните локални избори.

„Приближувањето кон ДУИ во пресрет на локалните избори донесе сериозно отстапување од принципите за кои се залагавме. Оваа политичка соработка е кршење на нашите ветувања и на застапувањето какво што заслужуваат албанските граѓани. Оваа постапка за мене е неприфатлива, бидејќи не можам да бидам дел од сојуз што се формира поради политички тесногради интереси и со луѓе споменати на меѓународни црни листи за вмешаност во сериозни афери“, напиша Сулејмани.

Според редоследот на кандидатската листа од последните парламентарни избори, на местото на Сулејмани во пратеничките клупи се очекува да седне Валбона Адили Емини. Таа е педијатар по професија и е кадар на Движењето Беса.

Алијанса на Албанците неделава излезе од власта, а лидерот на партијата Арбен Таравари поднесе оставка од фунцкијата министер за здравство.

Зачлени се на нашиот е-билтен