Вистинскиот војник се бори не затоа што го мрази она што е пред него, тука затоа што го сака она што е зад него, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во празничната честитка упатена денеска до војниците кои служат во мисиите на Алијансата.
„Во овој момент на неизвесен свет, каде што не е секогаш лесно да се размислува за мир, надеж и светлина, ние можеме да бидеме смирени и силни знаејќи дека стоиме заедно. За тоа им должиме голема благодарност на нашите мажи и жени во униформа“, изјави Руте.
Тој потенцира дека токму овие војници на НАТО со своите услуги и жртви, особени оние кои се далеку од своите домови, ни даваат поголема доверба и храброст и го штитат и чуваат „нашиот начин на живот“.
„Поради вас сме слободни и безбедни да прославуваме во сезоната на празници“, им порача Руте на војниците на НАТО.
Руте посочува дека една од најдобрите работи од тоа да се биде генерален секретар на НАТО е можноста за средби со голем број мажи и жени во униформи во Алијансата.
„Откако ја презедов функцијата, се сретнав со силите на НАТО од Балтикот, до Црното Море. Бев длабоко импресиониран од професионализмот и посветеноста на нашите трупи во Естонија, Летонија и Бугарија и персоналот на Новата команда на НАТО во Германија, каде се обезбедува поддршка за Украина“, додава Руте во пораката.