Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пред заминување Бајден со закон го заштити лидерството на САД,  во индустријата за чипови со вештачка интелигенција

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, една недела пред заминување, издаде закон што целосно може да ја промени глобалната трка за доминација на пазарот на вештачка интелигенција (ВИ). Станува збор за регулатива која  одредува во кои земји американските чипови со вештачка интелигенција ќе можат да се извезуваат. Таа истовремено е насочена кон ‘задушување’ на развојот и технологијата во Кина, Русија, Иран и Северна Кореја, на сметка на јакнење на американската индустрија.

Според тимот на Бајден, во светот во кој вештачката интелигенција рапидно расте, новите правиле се неопходни. Од таму наведуваат дека со регулативата ќе се овозможи поголемиот дел од технологија да се задржи во САД и во рацете на нивните сојузници, но и далеку земјите кои би можеле да ја искористат за зајакнување на воените способности или за сајбер напади.

Во новата регулатива, чија основна одредба е ограничување на количината на чипови што американските производители смеат да ги извезуваат во други земји, светот е поделен на три класи. 

-САД и нивните 18 најблиски партнери, меѓу кои Обединетото Кралство, Германија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, за нив нема ограничувања. На овие земји им е дозволено да купуваат чипови со вештачка интелигенција од американски компании во неограничени количини.

-Околу 120 други земји, меѓу кои Израел, Сингапур, ОАЕ итн. ќе имаат ограничување на бројот на чипови што ќе им биде дозволен да го увезуваат од САД. Оваа група на земји и нивните компаниите, преку индивидуални преговори со американската влада квотите ќе можат да ги зголемат.

-За земјите кои веќе се под санкции на САД, како што се Русија, Кина, Северна Кореја и други,  и понатаму ќе важи забраната за купување на чипови со вештачка интелигенција.

„САД се лидери во трката за вештачка интелигенција, и во развојот на вештачката интелигенција и во дизајнот на чиповите со вештачка интелигенција, и најважно е така да остане“, рече американскиот министер за трговија, Џина Раимондо.

Покрај примарната функција, спречувањето на Кина да ја добие технологијата што и е потребна за развој на вештачка интелигенција преку индиректни средства, регулативата има и други цели.

Една од нив е да ги насочи компаниите да избираат сојузнички земји како локации за изградба на идни големи центри за податоци, со што најнапредните модели на вештачка интелигенција остануваат во границите на САД и блиските партнери. Во замена за почитување на построгите безбедносни стандарди, компаниите ќе можат послободно да тргуваат со чипови низ светот.

Според регулативата, тие сепак ќе мора да се согласат да задржат најмалку 75 отсто од нивните вкупни способности за вештачка интелигенција во САД или сојузничките земји и да не лоцираат повеќе од 7 отсто од нивните способности во ниту една земја.

Бидејќи планот драстично ја менува целата индустрија за чипови со вештачка интелигенција и центри за податоци, инсајдерите во индустријата го критикуваа уште пред да биде објавен.

Најголемиот играч во просторот за чипови со вештачка интелигенција, Nvidia, веднаш оцени дека регулативата оди предалеку и дека Белата куќа ќе се обиде да ја задуши технологијата што е веќе присутна во компјутерите за игри и потрошувачката технологија и дека ќе го сврти пазарот кон Кина, која упорно работи на развој на сопствени чипови за вештачка интелигенција.

„Овие правила се погрешни и претставуваат закана за целосно уништување на иновациите и економскиот раст во светот. Наместо да ги ублажат заканите, новите правила на Бајден  ќе ја ослабат глобалната конкурентност на Америка и ќе ја поткопаат иновативноста што ја држеше Америка во првите редови. – изјави Нед Финкл, потпретседател за односи со владата на Nvidia.

Давателот на услуги на центрите за податоци, Oracle, вели дека регулативата „ќе ги предаде поголемиот дел од глобалните пазари за вештачка интелигенција и графички процесори на кинеските конкуренти“. Владите ширум светот, особено на Блискиот Исток, испумпуваат огромни суми пари за да ги привлечат овие огромни центри за податоци на нивната територија. Овие инвестиции сега се доведени во прашање.

Од друга страна пак, претседателот на Мајкрософт, Бред Смит,  во изјавата рече дека компанијата е уверена дека „може целосно да ги усогласи своите операции со новите безбедносни стандарди и да ги исполни сите технолошки потреби на владите и клиентите ширум светот“.

Зачлени се на нашиот е-билтен