Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство денеска пред Собранието

Собранието денеска во рамки на 54. седница треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. На седницата, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Предлог-текстот за Алиу доставен од Владата и потпишан лично од премиерот Христијан Мицкоски, ја содржи биографијата на кандидатот. Во неа се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставеното ЦВ, бил и на други високи и одговорни позиции.

Мицкоски минатата недела во изјава за медиумите рече дека очекува добра соработка со Алиу во рамки на Владата. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити смета дека Алиу е најдобар предлог за министер за здравство. Министер, како што рече неодамна Меџити, треба да биде добар менаџер кој го познава системот и кој може да придонесе за подобрување на ресорот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен