„Локалните избори ќе ги распишам во првата половина од август, со што ќе бидат запазени сите законски рокови“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешната прва неформална неделна средба со новинарите, најавувајќи ја новата пракса за куси брифинзи по секоја редовна координација во законодавниот дом со новинарите.
На новинарско прашање дали тоа ќе биде 8 август, Гаши рече дека е можно да бидат распишани и овој датум.
„Може да се распишат на 8 август. Се ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик има две одредби по кои се водиме. Прво е одредбата да не биде повеќе од 90 или помалку од 70 дена. Втората ориентациона точка е Законот за локална самоуправа каде се вели дека изборите треба да се одржат во втората половина на октомври. Во рамките на овие два периода, ќе ги распишеме избори. Најверојатно во првата половина од август, рече претседателот на Собранието.
Околу измените на Изборниот законик кои се во собраниска постапка, Гаши потенцира дека чека одговор од пратеничките групи да го известат дека се договориле за да може законот да оди во процедура.
„Немаме најава за Изборниот законик. Се водат разговори помеѓу пратеничките групи, но јас не сум запознаен за тоа. Чекам знак од пратеничките групи дека се договориле и оти ќе може да оди во процедура Изборниот законик“, рече тој.
Во врска во Бадентерово мнозинство, спикерот рече дека нема никаква промена.
„Нема промена околу Бадентерот. Останува истата формулација. За секој закон посебно пратениците од немнозинските заедници се изјаснуваат. Досега видовме дека неколку пати пратеници од немнозинските заедници кои се во опозиција гласаат за предлог на мнозинството. Тоа останува релативно“, рече Гаши.