На седница на собраниската Комисија за здравство денеска треба да се одржи продолжение на надзорната расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје”.
Надзорната расправа почна завчера, а продолженија се најавени и за утре и за 26 мај. Комисијата за здравство покани сведоци од различни државни органи, институции, јавни претпријатија, научни институции и граѓански организации да дадат искази и одговори на членовите на Комисијата и на другите пратеници.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска на вчерашната расправа истакна дека ИЈЗ во координација со Министерството за здравство презема низа мерки за ублажување и намалување на здравствените последици од загадувањето.
Андоновска рече дека Институтот соработува со локалните власти за креирање на политики, со цел намалување на емисиите на загадувачки материи, и објасни дека граѓаните се едуцираат и информираат преку веб страницата за нивото за загадување.