Хрватската влада донесе одлука сабота 21 декември во Република Хрватска да се прогласи за ден на жалост поради трагичниот напад врз учениците и вработените во ОУ „Пречко“, каде што животот го загуби едно седумгодишно дете.
На ден на жалост не може да се одржуваат забавни програми, а правните лица кои вршат телевизиска и радио дејност треба да ја приспособат својата програма за одбележување на денот на жалост, особено со емитување програми кои по својата природа одговараат на одбележувањето на тој ден.
„Изразувам длабоко сочувство до семејството на ученикот кој загина во основното училиште ‘Пречко’ во Загреб. Сочувствуваме со сите повредени и нивните семејства, како и со учениците и вработените во училиштето“, напиша хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на социјалните мрежи.
„Сите повредени се згрижени во болници и се надеваме на нивно брзо закрепнување, додаде тој. Кризните тимови се на терен, истрага е во тек и сите надлежни органи ќе ги утврдат околностите на оваа голема трагедија, која сите не потресе“, напиша Пленковиќ.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, 21 декември 2024 година го прогласи за ден на жалост во градот Загреб уште пред одлуката на владата, поради трагичниот напад врз учениците и вработените во основното училиште Пречко.
Денот на жалост ќе биде одбележан со спуштање на знамињата на половина копје и истакнување црни знамиња на зградите во кои се во сопственост или основани органите на градската управа, Градското собрание на градот Загреб, органите на локалната самоуправа, трговските друштва и институциите.