Пропалестински протест во Тирана: Албанија да не го поддржува злосторството на Израел

Поголема група граѓани, претставници на здруженија, главно албански муслимански верници, денеска протестираа пред парламентот во Тирана, за да се „спротивстават на ставот на Албанија за војната во Појасот Газа”. 

Протестот под мотото “Не во мое име – митинг за Палестина“ го организираше “Муслиманскиот форум на Албанија”,  откако, како што објавија,  премиерот Еди Рама беше одликуван со израелскиот претседателски медал на честа.

-Рама направи фатална грешка што отиде во Израел, си ги погази сопствените вредности. Нашиот премиер не треба да го поддржува ова грозно злосторство што го прави Израел, изјавија демонстрантите за медиумите.

Според нив, одликувањето на Рама од страна на израелскиот претседател Исак Херцог „не е во име на Албанците, туку во име на одбраната на премиерот Рама на геноцидот во Газа”. 

На албанскиот премиер Еди Рама, на 7 април, за време на посетата на Израел,  претседателот Исак Херцог, му врачи „Претседателски медал на честа на Израел“ за неговата посветеност „во борбата против антисемитизмот и за напорите на Албанија за зајакнување на односите со Израел“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен