Либан започна со враќање на сириските бегалци

Либан го започна првото враќање на сириските бегалци под покровителство на Обединетите нации, а според либанската министерка за социјални работи Ханин Сајед, на повратниците ќе им бидат исплатени 100 долари по лице во Либан и 400 долари по семејство по пристигнувањето во Сирија.

Британските медиуми јавуваат дека во првата фаза е планирано до крајот на годината да бидат вратени до 400.000 лица, со финансиска и логистичка поддршка од меѓународни организации.

Првата група од околу 11.000 Сиријци веќе е регистрирана за враќање.

Планот е развиен во соработка со новите власти во Дамаск, кои тврдат дека сите Сиријци се „добредојдени дома“, и покрај големите воени штети и тековните безбедносни предизвици.

Најново истражување на ОН покажува дека од падот на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година и доаѓањето на новата исламистичка влада, бројот на бегалци заинтересирани за враќање значително се зголеми – од два проценти на речиси 30.

И покрај овој напредок, УНХЦР предупредува дека големи делови од Сирија се уште се во урнатини, а повеќе од седум милиони луѓе остануваат внатрешно раселени.

Иако од декември минатата година повеќе од 628.000 Сиријци ги напуштија земјите во регионот и се вратија во Сирија, вклучувајќи и 191.000 преку Либан, многумина сè уште се двоумат поради небезбедните услови.

Либан, кој прими околу 1,5 милиони сириски бегалци во текот на изминатата деценија и самиот се соочува со економска криза и последиците од војната со Израел во 2024 година, го гледа овој план како олеснување, истакнуваат британските медиуми.

Фокусот моментално е на камповите за раселување, но властите најавуваат и можност за работни дозволи за одредени членови на семејството кои остануваат.

Меѓутоа, додека илјадници Сиријци го напуштаат Либан, извештаите покажуваат дека повеќе од 106.000 луѓе од Сирија, особено од алавитските заедници, продолжуваат да бегаат во Либан поради ескалацијата на насилството во одредени региони.

Зачлени се на нашиот е-билтен