Радев за Си-Ен-Ен: Референдум за еврото е клучен за довербата во институциите

Немањето општествен консензус во Бугарија не е поврзано со европскиот пат на земјата, туку со прашањето дали земјата е подготвена да го воведе еврото во 2026 година, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за Си-Ен-Ен.

Во разговор со новинарот Ричард Квест, по учеството на Меѓународниот инвестициски форум во Ташкент, Радев истакна дека воведувањето на еврото на среден и долг рок би донело економски придобивки, но нагласи дека недостигот од општествена согласност го доведува во прашање овој процес, пренесува БТА.

– Можеби сум старомоден, но силно верувам во демократијата, рече Радев, одговарајќи на прашање дали сè уште поддржува референдум за воведување на еврото во 2026 година. Тој потенцира дека референдумот е неопходен за да се провери подготвеноста на Бугарија за влез во еврозоната, додавајќи дека без демократски процес „целата социјална конструкција е осудена на пропаст“. Според него, референдумот би го зајакнал легитимитетот на процесот и довербата во институциите, особено по седумте парламентарни избори во последните четири години, кои резултираа со пад на довербата во државните институции.

На прашањето дали инсистирањето на премиерот за брзо присоединување кон еврозоната, наспроти неговото барање за референдум, би можело да предизвика уставна криза, Радев одговори дека таква криза не е можна. Сепак, тој предупреди дека ваквиот пристап би можел да го наруши општествениот договор меѓу владата и граѓаните и да ја намали довербата во институциите.

Радев истакна дека позитивните извештаи од Европската комисија и Европската централна банка за Бугарија се резултат на долгогодишна конзервативна фискална политика и жртви на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен