„Расипаниот телефон“ на Мицкоски го преиначи одговорот за изјавата на Филипче: Наместо „до каде ја турна Македонија по европскиот пат“, тој говореше за „слобода на медиумите“ и „општество“

Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од Атина порача дека ‘со земјата вледее десничарска влада која не сака да ја турка земјата напред во евроинтегративниот процес’, премиерот Христијан Мицкоски возврати но, со одговор на прашање како да го слушнал по „расипан телефон“. 

Наместо ЕУ, во фокусот на она што го говореше Мицкоски, беа медиумите и „општеството“.

„Јас, напротив, мислам дека поголема слобода во општество, во оваа една година, која што е и во медиумите, не постоела. Можеби треба да го прашате врз основа на кои критериуми, кои параметри, тој носи ваков заклучок. Но, јас не мислам дека тоа е така, дури и ако ги гледате извештаите од реномирани меѓународни институции, дури и од Репортери без граници ќе видите дека во рамките на слободата ние напредуваме. Ние назадуваме во рамките на рефлектирањето на лажни вести и обидот да се спинуваат одредени вистини“, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски упати и совет до претседателот на опозициската СДСМ, Филипче дека „ваквите“ изјави не само што се лош пи-ар политики за него, туку се сосема погрешни.

Социјалдемократите пак, на денешното прашање на Мицкоски, одговорија многу конкретно. Во соопштението на СДСМ насловено како: „Мицкоски праша – еве зошто неговата Влада е авторитарна“, пишува:

Премиерот Мицкоски денеска праша по кои одлики неговата влада Филипче ја дефинирал како авторитарна, па еве да одговориме.

– За една година на власт, ВМРО-ДПМНЕ изврши длабока партизација на сите независни институциите. Партиски војници се именуваат како директори, советници и управни одбори, претворајќи ги институциите во продолжена рака на партијата. 

– Се стави јавното обвинителство и судството под целосна контрола. Во моментов не се води ниеден случај против актуелни функционери, ни за Кочани, ни за сите скандали, како местените тендери во МВР и другите министерства. За судии се бираат сопрузи, баџанаци и братучеди на функционерите од власта.

– Мицкоски веќе започнува со закани кон новинарите кога е прашан незгодно прашање. Последниот пример со новинарката на „Ал Џезира“ покажува јасна нетолеранција кон медиумска критика. Дополнитлено, се плаќаат медиуми кои ја пропагираат работата на владата преку компании од Унгарија.

– Се етикетира и напаѓа секој кој ќе го дигне гласот против власта, последен пример се синдикатите. Мицкоски се обидува да ги подели, да воспостави свои паралелни организации кои ќе му служат, исто како во времето на Груевски.

– По доаѓањето на власт, започнаа реваншистички смени во администрацијата и притисоци врз локални власти каде ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство. Се враќаат пракси на институционален прогон, какви што гледавме во времето на Груевски. Луѓе кои со години чесно работеле се деградираат, навредуваат и маргинализираат.

– Дебатата и функционалноста на Собранието е укината. Пратениците се претворени во гласачки машини и секој закон се носи по скратена постапка. Не се прифаќа ниеден амандман на опозицијата дури и кога тие амандманни се сосема логични и во интерес на граѓаните. Во само неколку месеци, владата предложи серија закони со директни последици по правниот поредок и финансиската стабилност, без јавна расправа. Автократските влади не бараат одобрување, тие само издаваат наредби.

– Без никаква дебата се донесува одлука за задолжување на државата за седум милијарди евра. Авторитарните лидери како Мицкоски сметаат дека државата е нивна своина па имаат право да задолжуваат три поколенија.

Вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на меѓународна конференција во Атина остро ја критикуваше актуелната влада во Македонија, нарекувајќи ја „десничарска и авторитарна“, со оценка дека не прави доволно за напредокот во европските интеграции. Во своето обраќање, тој потсети и на значењето на Преспанскиот договор, кој, според него, претставува пример за визионерско лидерство и храброст, благодарение на кое Македонија станала членка на НАТО.

Според него, благодарение на тогашната политичка волја и соработка меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, се надминал деценискиот спор кој ѝ го блокираше патот на државата кон НАТО.

„Преспанскиот договор реши децениски проблем меѓу Македонија и Грција и овозможи на Македонија да стане членка на НАТО, за жал не станавме на ЕУ. Но амбицијата е се уште тука но сега имаме десничарска влада во нашата земја која нема волја да ја турка земјата напред и тоа сега е како вакцина која ја примивме со НАТО, а сега не ја примивме втората доза“, изјави Венко Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен