Расте бројот на жртви во силниот земјотрес во Мјанмар и Тајланд, големи материјални штети

Најмалку 144 лица загинаа во Мјанмар во силниот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што денеска ги погоди таа земја и Тајланд.

Ова го потврди шефот на воената влада на Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг во телевизиско обраќање. Тој додаде дека се повредени 730 лица.

„Бројот на загинатите и повредените се очекува да се зголеми“, рече тој.

Степенот на штетите и страдањата во Мјанмар, една од најсиромашните земји во светот, не е целосно познат бидејќи земјата е во граѓанска војна и информациите се строго контролирани.

Во главниот град на Тајланд, Бангкок, најмалку осум лица загинаа кога се урна облакодер во изградба. Неколку работници беа спасени. Епицентарот на земјотресот, кој се случи околу пладне по локално време, бил во близина на Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар. Потоа следеше силен последователен потрес со јачина од 6,4 степени.

Во двете земји е причинета голема материјална штета.

Владата на Мјанмар соопшти дека се потребни крводарувања во најтешко погодените области, а видеата од земјата покажуваат урнати куќи и испукани патишта, како и спасувачки тимови кои трагаат по преживеани.

Мост и брана се урнаа во близина на градот Мандалеј, што предизвикува дополнителна загриженост за тоа како спасувачите ќе стигнат до некои области во земјата, која и онака е во хуманитарна криза поради војната и многу делови се недостапни. Според Обединетите нации, повеќе од три милиони луѓе се раселени, а речиси 20 милиони се во неволја. Британската хуманитарна организација Christian Aid објави дека нивните партнери и колеги на теренот пријавиле дека пукањето на браната предизвикало зголемување на нивото на водата во низинските области во областа.

Се урна и манастирот Ма Сое Јане, еден од најголемите во градот, а оштетена е и поранешната кралска палата. Во близина на популарниот пазар Чатучак во Бангкок, зграда од 33 ката во изградба, со кран на врвот, се урна во облак од прашина, со снимки на кои се гледа како работниците врескаат и бегаат.

Луѓето исто така почнаа да бегаат со автомобили, оставајќи многу улици во градот блокирани. Железничките и метро услугите се прекинати.

„Одеднаш целата зграда почна да се движи. Веднаш настана врескање и голема паника“, изјави Фрејзер Мортон, турист од Шкотска, кој се наоѓал во еден од трговските центри во Бангкок.

Иако областа каде што се случи земјотресот е подложна на земјотреси, тие обично не се толку силни и ретко се чувствуваат во главниот град на Тајланд. На друго место во Бангкок, луѓето беа евакуирани од нивните згради и предупредени да останат надвор во случај да има нови последователни потреси.

Tanjug/AP Photo/Wason Wanichakorn Градското собрание на Бангкок го прогласи градот за област на катастрофа за да го олесни одговорот. Поголемото метрополитенско подрачје е дом на повеќе од 17 милиони луѓе, од кои многу живеат во високи станови.

Американскиот геолошки институт и германскиот центар за геонаука ГФЗ соопштија дека земјотресот бил на мала длабочина од 10 километри, според прелиминарните извештаи. Плитките земјотреси имаат тенденција да предизвикаат поголема штета.

Црвениот крст соопшти дека соборените далноводи им отежнуваат на тимовите кои се обидуваат да стигнат до неколку тешко погодени области. Воената влада на Мјанмар прогласи вонредна состојба во шест региони и сојузни држави. Не е јасно што всушност значи ова бидејќи целата земја е во вонредна состојба од 2021 година, кога војската ја презеде власта. Со оглед на граѓанската војна, исто така не е јасно како помошта ќе стигне до многу региони.

Зачлени се на нашиот е-билтен