Седницата за пратенички прашања во мај заврши. Пред крајот процедурално се обрати пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи кој правото да постави прашање го искористи за да реагира на отсуството на некои министри од седницата, што, рече, се повторува неколку седници на кои треба да им се поставуваат прашања на членови на извршната власт.
Нагласи дека одговарањето на пратенички прашања е обврска на министрите според член 40 од собранискиот Деловник и рече „тоа е задолжително, а не нивна слободна волја“.
– Драги наши избрани функционери, членот 40 став 2 вели на седницата задолжително присуствуваат претседателот и членовите на Владата и други носители на јавни функции за кои е најавено поставување пратенички прашања. Десет месеци упорно бараме членовите на Владата да бидат присутни, или повеќето. Во овој момент имаме само двајца министри и шест заменици министри присутни во Собранието. Само од двајца добивме писмено известување дека нема да присуствуваат денеска на седница. Не ги удостојувате луѓето кои ве избрале – еднаш во месецот да останете овде за да ви поставиме прашање за да одговорите. Пет месеци по ред му поставуваме прашање на министерот Бесар Дурмиши, не се има појавено, не нѐ удостои ни писмено да одговори. Дали има министер или нема министер, рече Битиќи и побара да реагира и претседателот на Собранието Африм Гаши.
Гаши го поддржа пратеникот на СДСМ согласувајќи се дека „забелешката е на место“ со порака до членовите на Владата да си забележат во календарот дека секој последен четврток во месецот треба да дојдат во Собрание за да одговараат на прашања од пратениците. Посочи дека собраниските служби навремено ги праќаат поканите.
Последен на денешната седница прашање постави Халил Снопче од Алијанса за Албанците на кои ќе му биде одговорено писмено. И тој реагираше за отсуство на министрите Албанци од седниците за пратенички прашања.
– Ова не е во ред. Од што бегаат министрите Албанци, дали работат нешто или не?, праша пратеникот Снопче.