Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рекламните агенциите имаат одговорност пред клиентите кога предлагаат инфлуенсери

Наташа БОЖИНОВСКА МИРКОВА, директор на Represent Communications Macedonia

Индустријата за инфлуенсер маркетинг значително порасна и сѐ уште расте во последниве години. Уште во 2019 година имавме светски примери на инфлуенсер маркетинг каде човековото око не можеше да препознае дека инфлуенсерот е всушност аватар. Брендовите доброволно ги ангажираат инфлуенсерите и се потпираат на односот помеѓу инфлуенсерот и публиката, сѐ со цел зголемување на свесноста за брендот или едуцирање на јавноста.

Според една студија на Deloitte, 85% од корисниците на социјалните медиуми ги следат инфлуенсерите, 49% им веруваат на препораките кога купуваат и 60% од менаџерите за продажба на брендови имаат доделен дел од нивните буџети за маркетинг на инфлуенсери. Следењето на инфлуенсерите е особено високо кај младите од 16-24 години.

Меѓутоа, не секогаш законот може да ја регулира штетата која може да настане. Во нашата држава закон за инфлуенсер маркетинг не постои, исто како што не постои закон ни за статусот на профилите на инфлуенсерите или нивните канали, каква содржина споделуваат во етер, посочува во својата колумна со наслов „Дали агенциите за комуникации имаат одговорност пред клиентите кога предлагаат инфлуенсери?“ Наташа БОЖИНОВСКА МИРКОВА, директор на Represent Communications Macedonia, објавена на порталот Маркетинг365.мк.

Тие, продолжува Наташа БОЖИНОВСКА МИРКОВА, од една страна имаат голем број на следбеници, што значи нивните канали и тоа како треба да се третираат како медиум кој пренесува информации и гради одреден став по различни прашања, а од друга страна нема контролно тело кое тоа ќе го дозволи или казни.

И кога знаеме како функционираат работите, дали треба агенциите за комуникации, ПР и дигитални агенции кои работат директно со клиенти кои се потрошувачи на инфлуенсер маркетингот да се запрашаат колку тие имаат одговорност кон своите клиенти предложувајќи инфлуенсери од секаков ранг само затоа што позади себе имаат голем број на следбеници?

Од листата на еден новинар денес видов дека јутјуберот кој го објави недоличното видео кое во моментов кај нас е жешка тема на разговор насекаде и отвори низа прашања поврзани со одговорноста и воопшто содржината која неконтролирано се пласира во јавноста, има соработка со десетина локални брендови. Па, следното прашање кое си го поставувам во глава како  дел од комуникациската индустрија е дали јас, во заштита на свој клиент денес ќе се јавев и директно ќе препорачав раскинување на соработката со јутјуберот после овој скандал? Понатаму, случката отвора низа други важни прашања кои не се од економска природа, а ги засегаат агенциите.  На кој начин Агенциите прават селекција при давањето на предлози кон клиентите во врска со евентуални соработки со јутјубери и инфлуенсери? Дали Агенциите ги проверуваат содржините на лицата/инфлуенсери кои ги предлагаат, истите да вклучуваат етика, морал и достоинство кога е комуникација во прашање или само бројот на следбеници за повеќе кликови и исполнување на таргетите е важен? Дали после срамната јутјуберска епизода на еден инфлуенсер, на сите агенции за комуникации ни претстои преобмислување и утврдување на нови, подобрени стандарди за управување со инфлуенсер маркетингот?

Ова се прашања кои секој еден од нас како чинител треба да ги размисли бидејќи не е спорно само последното видео на каналот на јутјуберот, спорни се и други негови претходни подкасти, каде наративот и начинот на креирање на содржина се веќе прашања за подигнување обвинение. Со други зборови, моќта на инфлуенсерите во хипер-поврзаното општество преку социјалните мрежи денес е факт кој не смее да се занемари бидејќи треба да се свесни дека со голема моќ доаѓа и голема одговорност. Агенциите кои се тесно поврзани со инфлуенсерите мора да вклучуваат одговорност во своето работење бидејќи сите заедно ја градиме иднината за следните генерации. Јас лично не би сакала моите деца да живеат во средина каде газењето по нечии права ќе биде оправдано и јавно комуницирано. За начинот на коментирањето и ширењето на расистички, дискриминирачки по бил кој основ, и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, нека се позанимаваат органите на Судот.

*

Во продолжение на војата колумна авторката ја разгледува ЕУ регулативата во однос на ова парашање.

Колумната на Наташа Божиновска Миркова, директор на Represent Communications Macedonia, во целост можете да ја прочитате на на овој линк.

Рацин.мк им благодари на колегите од Маркетинг365.мк за дозволата да објавиме поенти од оваа колумна.

Најново