Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Роберт Кенеди Помладиот е новиот министер за здравство на САД

Роберт Ф. Кенеди Помладиот, критичарот на вакцини, кој го поддржа претседателот Доналд Трамп, откако се откажа од сопствената претседателска кандидатура, беше потврден од американскиот Сенат за министер за здравство и човечки услуги и покрај противењето на медицинскиот естаблишмент и членовите на Конгресот.

Роберт Ф. Кенеди (71) беше потврден со 52 наспроти 48 гласови, а Мич Меконел беше единствениот републикански сенатор кој им се придружи на 47-те демократи кои гласаа против Кенеди, кој сепак вети дека ќе ги заштити постоечките програми за вакцинација во обид да ги обезбеди гласовите на неопределените пратеници.

Потврдата од Сенатот му го отвора патот да положи заклетва на позиција каде што ќе надгледува неколку големи медицински агенции, вклучително и Управата за храна и лекови (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести.

-Откако Кенеди ќе положи заклетва подоцна денеска, Доналд Трамп ќе потпише извршна наредба за формирање на комисијата МАХА, именувана по движењето „Направи ја Америка повторно здрава“ на Кенеди, и ќе го упати новиот министер да ја „истражи оваа хронична криза што ја зафати нашата земја“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит.

Кенеди, адвокат специјализиран за заштита на животната средина, долго време покренува сомнеж за безбедноста и ефективноста на вакцините кои помагаат во контролата на болестите со децении и спречуваат смрт на милиони луѓе.

Тој сега ќе раководи со Министерство кое управува со повеќе од три трилиони долари наменети за здравствена заштита.

Одделот, исто така, ги надгледува програмите Medicare и Medicaid, кои обезбедуваат здравствено осигурување на над 140 милиони Американци, и Националниот институт за здравство (НИХ).

Кенеди рече дека сака да работи на ставање крај на хроничните болести, да ги прекине врските меѓу вработените во американскиот регулатор за лекови и фармацевтската индустрија и да го отстрани флуорот од американските резерви на вода.

Противниците тврдат дека тој не е погоден за министер за здравство поради неговата истакната улога во движењето против вакцините.

Кенеди рече дека сака да се ослободи од многу вработени во ФДА и НИХ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен