Шпанија смета дека трошоци за одбраната на ниво од два проценти од БДП се доволни за да ги исполни обврските што ги има преземено, изјави денеска во Брисел шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес.
„Важно е секоја земја да може да ги исполни целите што си ги има поставено“, изјави Роблес на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на кој една од главните теми е зголемувањето на трошоците за одбраната.
Претходно, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека меѓу министрите за одбрана на членките на НАТО „речиси да постои консензус“ околу зголемувањето на трошоците за одбраната на ниво од пет проценти од БДП, додавајќи дека очекува потврда на оваа одлука на Самитот на Алијансата во Хаг, што треба да се одржи од 24 до 26 јуни.
И покрај ставот дека „два отсто“ трошоци се доволни, Роблес нагласи дека на Самитот во Хаг Шпанија нема да стави вето на одлуката на НАТО за зголемување на целта за издвојувања за одбрана.