Родители на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ денеска до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани ќе достават писмено барање за детално објаснување против кого ќе се води обвинителната постапка, што ја соопшти минатата недела државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
– Ние не сме правници и не го разбравме обвинителниот акт што го соопшти јавниот обвинител против осомничените за трагедијата во „Пулс“, поради што бараме Основното јавно обвинителство да ни ги објасни резултатите од истражната постапка, порачаа родителите на починатите во пожарот на деветтиот „Марш на ангелите“ што се одржа завчера во Кочани.
Родителите посочија дека од суштинско значење е ОЈО во Кочани целосно да ги запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност, за да можат, како што рекоа, да ги отстранат сите дилеми коишто се јавуваат кај нив во врска со спроведената постапка.