Ројтерс: Хамас се согласи со американскиот предлог за прекин на огнот во Газа

Хамас се согласи со предлогот на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф за прекин на огнот во Газа, изјави во понеделникот за Ројтерс палестински функционер близок до групата, отворајќи го патот за можен крај на војната со Израел.

Новиот предлог, кој предвидува ослободување на десет заложници и 70-дневен прекин на огнот, Хамас го примил преку посредник.

„Предлогот вклучува ослободување на десет живи израелски заложници држени од Хамас во две групи во замена за 70-дневен прекин на огнот и делумно повлекување од Појасот Газа“, изјави изворот за Ројтерс.

Предлогот, исто така, повикува на ослободување на голем број палестински затвореници од страна на Израел, вклучително и стотици кои отслужуваат долги затворски казни.

Ројтерс пишува дека израелските власти се уште не го коментирале ова.

На 1 март, потсетува овој медиум, Израел го прекина јануарскиот договор за прекин на огнот со Хамас и продолжи со силните напади во Газа. Хамас и сојузничките фракции почнаа да гаѓаат ракети и да напаѓаат два дена подоцна.

Хамас соопшти дека е подготвен да ги ослободи сите преостанати заложници земени во нападите врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година и да се согласи на траен прекин на огнот доколку Израел целосно се повлече од Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ќе биде подготвен да се согласи на привремен прекин на огнот само во замена за ослободување на заложниците, ветувајќи дека војната може да заврши само кога Хамас ќе биде искорен.

Израел започна воздушна и копнена војна во Газа по прекуграничен напад на милитантите на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелските податоци, беа убиени 1.200 луѓе, а 251 заложник беа земени во Газа.

Во конфликтот загинаа речиси 54.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа, и ја опустоши крајбрежната зона. Групите за помош велат дека знаците на тешка неухранетост се широко распространети.

Зачлени се на нашиот е-билтен