Русија го обвини НАТО за агресивни дејствија што ја попречуваат слободата на пловењето откако Естонија неуспешно се обиде да задржи танкер во Балтичкото Море.
Минатиот четврток, Естонија соопшти дека Москва накратко испратила борбен авион во воздушниот простор на НАТО над Балтичкото Море за време на обидот да го запре танкерот за нафта што плови кон Русија, за кој се верува дека е дел од „флота во сенка“ што ѝ помага на Москва да ги избегне западните санкции.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на редовната прес-конференција денеска рече дека Москва внимателно ги следи настаните во Балтичкото Море и ќе реагира на она што го нарече нелегални дејствија од страна на бродовите на НАТО доколку тие претставуваат ризик.
Претходно денеска Москва го ослободи танкерот за нафта во грчка сопственост кој беше задржан во руски води во неделата откако го напушти естонското пристаниште.